На оваа веб страна се користат колачиња кои не содржат лични податоци и служат со единствена цел за подобрување на корисничкото искуство. Со Вашето присуство на веб страната се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали во однос на заштитата на личните податоци прочитајте ја Политиката за колачиња.
Në këtë faqe të internetit përdoren biskota të cilat nuk përmbajnë të dhëna personale dhe shërbejnë me qëllim të vetëm për përmirësimin e përvojës së përdoruesit. Me prezencën Tuaj në faqen e internetit nënkuptohet se pajtoheni për përdorimin e këtyre biskotave (cookies). Për më tepër holllësi në lidhje me mbrojtjen e të dhënave personale lexoni Politikën e përdorimit të biskotave (cookies).
The website uses cookies that do not contain personal data and serve for the sole purpose of improving the user experience. Your presence on the website implies that you agree to the use of these cookies. For more details about personal data protection, please read the Cookie Policy.
Почитувани дами и господа,
Чест ми е да Ве поздравам во мое лично име и во името на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и да ја отворам 18-тата Годишна Конференција на Македонската Берза и истовремено да се заблагодарам за поканата.
За прв пат откако сум Претседател на Комисијата за хартии од вредност, оваа конференција се одржува во Охрид, што ми е особено драго и што барем според мене е знак дека брокерската и фондовскaта индустрија, како и потенцијалните инвеститори се во подобра финансиска кондиција и дека и покрај актуелната политичка состојба и сложените услови за работа, кај сите нас како дел од пазарот на хартии од вредност се враќа интересот за овој сегмент.
Зошто го велам ова?
Заради тоа што вкупниот берзански промет во првиот квартал годинава изнесува 16,8 милиони евра, што е меѓу најдобрите во последниве пет години.
Заради главниот берзански индекс МБИ 10 кој во 2016 година порасна за повеќе од 16 проценти, а во 2017 година за дополнителни 6 проценти.
Заради добрите финансиски резултати на котираните компании во 2016 година.
Заради трендот на распределба на дивиденда наспроти ниските каматни стапки .
Заради актуелните состојби на регионалните пазари.
Тоа се некои од фактите заради што велам дека се враќа интересот за пазарот на хартии од вредност .
Почитувани, задоволство ми е што денес гледам претставници, од различни сектори на стопанството, од финансиските институции, сите со различни перспективи, различни идеи и очекувања но, верувам, со ист интерес и цел – развој на македонскиот пазар на хартии од вредност и негово приближување до европските принципи и стандарди.
Македонската берза како домаќин на оваа традиционална конференција нуди актуелни теми и панелисти, а Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ја поддржува секоја иницијатива и дискусија поврзана со различни аспекти од функционирањето на пазарот на капитал. Да се има иницијатива е да се има способност да се биде двигател, да се дејствува кога нема јасни инструкции, да се делува кога ситуацијата се менува или планот се распаѓа. Впрочем, сите учиме едни од други. Колку повеќе меѓусебно се разбираме, толку повеќе ќе можеме да успееме.
Почитувани,
На ниво на Европската Унија и понатаму се преземаат регулаторни мерки за развој на инвеститорската, регулаторната и конкурентската сцена на европските пазари на капитал. Во изминатиот период со сет на регулаторни мерки се зајакна инфраструктурата на пазарот на капитал, преку наметнување на повисоки стандарди за однесување на сите пазарни учесници и креатори. Со цел ефикасна мобилизација на приватните извори на средства и нивно канализирање во долгорочно финансирање на реалниот сектор се преземаа мерки за воспоставување на прудентна регулаторна рамка во чиј фокус се малите и средните претпријатија пришто треба да им се овозможи полесен пристап до пазарите на капитал и пристап до поголеми финансиски средства за развој и експанзија на нивните бизниси. Преку овие мерки ќе се обезбеди диверзификација на изворите на финансирање односно поттикнување на издавањето на акции, но и издавањето на корпоративни обврзници, преку креирање на транспарентен и ликвиден пазар за овие финансиски инструменти.
Во фокусот на вниманието на европските регулатори и понатаму останува финансиската писменост како еден од предусловите за заштита на инвеститорите. Се преземаат мерки и се воспоставуваат услови за да се подобри знаењето и финансискиот капацитет на широката јавност преку обезбедување на суштински информации и алатки кои им се потребни на инвеститорите за донесување на информирани финансиски одлуки и за разумно менаџирање со нивните заштеди.
И Комисијата за хартии од вредност заедно со Народната банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Мапас, тргнувајќи од премисата дека нема фаза од животот во која финансиските прашања не се значајни и во кои надградбата на човекот за тоа како треба да се управува со парите не е значајна, континуирано ги едуцираат учениците, студентите, инвеститорите.
Вклучени сме и во Глобалната недела на парите, настан кој го одбележуваат над 100 земји во светот. Во една пазарна економија, настаните на Берзата и околу неа се едни од најважните економски феномени. Токму нивното разбирање е меѓу позначајните показатели за нивото на финансиска едукација во една држава. Финансиската едукација треба да се гледа како дополнување на постоечката заштита на инвеститорите и на одговорното однесување на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност.
Почитувани учесници,
Значителното зголемување на глобализацијата и меѓусебната поврзаност на финансиските пазари, како и технолошките достигнувања кои влијаеја да се смени начинот на кој функционираат пазарите на хартии од вредност, како и прекршување на законите кои ги регулираат овие области, доведоа до дискусии на ниво на IOSCO како да се задржи чекорот со технолошкиот, општествениот и пазарниот развој и како да се зајакне супервизијата .
Континуирано се следат и состојбите и се преземаат регулаторни мерки за подобрување на транспарентноста и корпоративното управување на компаниите на европските пазари на капитал. Во оваа насока, се преземаат мерки за унифицирање на стандардите за финансиско известување во сите земји во Унијата и за обезбедување на јасни и разбирливи информации за инвеститорите насекаде низ Унијата. Токму затоа, Комисијата за хартии од вредност и Македонската берза, во соработка со Меѓународната финансиска корпорација –ИФЦ, почнаа со изработка на нов Кодекс, во кој ќе се постават нови стандарди и принципи за корпоративно управување на акционерските друштва. На тој начин, компаниите ќе добијат можност да го рекламираат доброто работење и да го зголемат општиот имиџ, а со тоа во иднина ќе имаат шанса полесно да прибираат капитал од широката јавност.
Почитувани,
Севкупните политички случувања во нашата држава влијаат врз однесувањето на инвеститорите и нивните одлуки да инвестираат на македонската берза. Сите ние, чинители на пазарот на хартии од вредност, работиме на ублажување на последиците од воздржувањето на инвеститорите да вложуваат во македонските компании.Токму поради тоа целите и принципите на работење и вредностите на Комисијата за хартии од вредност на РМ, ни се основниот лајтмотив за проектирање и реализирање на нашите секојдневни активности, кои ќе придонесат за создавање на поголема сигурност и стабилност на пазарот на хартии од вредност и поголема предвидливост на постапките на сите пазарни учесници.
Основните принципи во работењето и креирањето на стабилност не мотивираат целосно да се усогласиме и да ги имплементираме релевантните ЕУ Директиви, да подготвиме подобра регулатива и да создадеме модерен и ефикасен пазар на хартии од вредност, отворен за соработка и интегрирација со останатите финансиски пазари од Европа, со што ќе се искористи целосниот потенцијал на единствениот европски финансиски пазар, поддржан од модерната инфраструктура.
Во насока на имплементација на релевантните ЕУ директиви во делот на пазарот на хартии од вредност се подготовени и нови- Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти и транспарентност на издавачи, кои значат прифаќање на глобалните принципи и правила, кои пак ќе придонесат за минимизирање на пазарните фрагментации и олеснување на прекуграничните капитални текови.
Почитувани дами и господа,
Во денешни услови на значајно променети глобални финансиски пазари како резултат на регулаторни реформи и технолошки и пазарни иновации, свесни сме дека мора да се напуштат конзервативните пристапи за развој на малите пазари на капитал и да се прифатат модели кои ги бараат актуелните состојби и финансиско опкружување.
Со цел имплементирање унифицирани стандарди за супервизија на целиот небанкарски финансиски сектор, намалување на ризиците за арбитрерно одлучување, подобар и појасен преглед врз управување со ризиците и зголемување на транспарентноста и одговорноста, можеби е време да се размисли за идејата за создавање на ефикасен и ефективен регулатор во небанкарскиот сектор, преку интеграција на регулаторите во областа на пазарот на хартии од вредност, осигурувањето и пензиските фондови.
Интегрираниот регулатор од цел сама по себе може да се претвори во основен креатор и генератор на раздвижувањето на македонскиот пазар на капитал, преку низа на мерки и активности кои многу полесно би се преземале, за разлика од постојната состојба на повеќе регулаторни тела.
Почитувани,
Сите ние делиме иста судбина, сите сакаме подобра иднина на пазарот на хартии од вредност, сите работиме за неговиот просперитет и развој, и токму заради тоа во овој период сите ние треба да се обединиме околу заедничката идеја- конкурентен, атрактивен, ефикасен и ефективен пазар на хартии од вредност кој ќе може да држи чекор со поразвиени пазари од регионот и ќе биде еден од моторите на придвижување на националната економија.
Ќе завршам со реченицата - Ако сакаш да ја подобриш организацијата, мора да се подобриш себеси и организацијата ќе расте заедно со тебе.
Ви благодарам за вниманието и посакувам плодни и отворени дискусии!