На оваа веб страна се користат колачиња кои не содржат лични податоци и служат со единствена цел за подобрување на корисничкото искуство. Со Вашето присуство на веб страната се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали во однос на заштитата на личните податоци прочитајте ја Политиката за колачиња.
Në këtë faqe të internetit përdoren biskota të cilat nuk përmbajnë të dhëna personale dhe shërbejnë me qëllim të vetëm për përmirësimin e përvojës së përdoruesit. Me prezencën Tuaj në faqen e internetit nënkuptohet se pajtoheni për përdorimin e këtyre biskotave (cookies). Për më tepër holllësi në lidhje me mbrojtjen e të dhënave personale lexoni Politikën e përdorimit të biskotave (cookies).
The website uses cookies that do not contain personal data and serve for the sole purpose of improving the user experience. Your presence on the website implies that you agree to the use of these cookies. For more details about personal data protection, please read the Cookie Policy.
Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, во коешто членуваат претставници на сите финансиски регулатори – Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), ги усвои Основните компетенции на финансиската едукација. Со ова продолжуваат активностите за спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, усвоена во јули минатата година.
Основните компетенции на финансиската едукација ги опфаќаат основните знаења, вештини, ставови, мотивации и однесувања во однос на финансиите коишто би требало да ги поседуваат лицата во различни фази од животот. Рамката за финансиски компетенции според возраста на населението ги опфаќа финансиските компетенции за учениците од основното и од средното образование и финансиските компетенции за возрасното население. Притоа, рамката за финансиските компетенции има прогресивни елементи на компетентност и прикажува какви компетенции треба да се поседуваат на различна возраст. Прогресивниот пристап значи дека ученикот што е на возраст од петнаесет до осумнаесет години треба да ги има сите знаења во претходно дефинираните возрасни групи, како и дополнителни знаења кои се однесуваат на таа возрасна група. Знаењето и вештините за возрасните се распоредени во две нивоа. Основното ниво ги опишува основните компетенции коишто возрасните треба да ги поседуваат, додека проширеното ниво содржи компетенции што им требаат на возрасните во зависност од нивните индивидуални потреби. Клучни компоненти на рамката за финансиските компетенции се: знаењето и вештините; ставовите; мотивациите и однесувањето. Знаењето и вештините опфаќаат осум теми, од различни финасиски сегменти: 1. Пари и банкарство; 2. Приходи и оданочување; 3. Финансиско планирање; 4. Штедење и инвестирање; 5. Трошење и кредити; 6. Права и одговорности на потрошувачите; 7. Пензиска заштеда; и 8. Ризици и осигурување.
Рамката за финансиски компетенции може да ја користат различни организации и институции во земјата (финансиски регулатори, граѓански организации, приватни финансиски институции и други иниституции и организации) кои обезбедуваат финансиска едукација на различни возрасни групи од делокругот на нивното работење, или пошироко од областа на финансиите. Сепак, рамката за финансиски компетенции не претставува конкретна наставна програма и не пропишува конкретни теми од областа на финансиското образование. Рамката за финансиски комптенции е наменета за даватели на образовни услуги во рамки на неформалното образование и се очекува давателите на финансиска едукација да ги следат дефинираните финансиски компетенции при изготвувањето на нивните едукативни програми за соодветните возрасни групи од областа на финансиите.
Основните компетенции на финансиската едукација се изработени врз основа на препораките на ИНФЕ-ОЕЦД и имаат за цел да послужат како основа при изготвувањето едукативни програми за разни возрасни групи од областа на финансиите од страна на сите вклучени даватели на образовни услуги во рамки на неформалното образование.
Финансиските регулатори ги повикуваат субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто остваруваат активности за финансиска едукација да се запознаат со Основните компетенции на финансиска едукација и да се приклучат кон иницијативата за координиран пристап во реализирањето на едукативните активности за финансиска едукација во земјатa.