На оваа веб страна се користат колачиња кои не содржат лични податоци и служат со единствена цел за подобрување на корисничкото искуство. Со Вашето присуство на веб страната се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали во однос на заштитата на личните податоци прочитајте ја Политиката за колачиња.
Në këtë faqe të internetit përdoren biskota të cilat nuk përmbajnë të dhëna personale dhe shërbejnë me qëllim të vetëm për përmirësimin e përvojës së përdoruesit. Me prezencën Tuaj në faqen e internetit nënkuptohet se pajtoheni për përdorimin e këtyre biskotave (cookies). Për më tepër holllësi në lidhje me mbrojtjen e të dhënave personale lexoni Politikën e përdorimit të biskotave (cookies).
The website uses cookies that do not contain personal data and serve for the sole purpose of improving the user experience. Your presence on the website implies that you agree to the use of these cookies. For more details about personal data protection, please read the Cookie Policy.
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на Друштвото за производство на производи со посебна намена 11 Октомври- Еурокомпозит АД Прилеп му дозволи да издаде 218.819 обични акции во износ од 1.118.821,547 евра. Акциите од третата емисија се обични и се издаваат по продажна цена од 5,113 евра по акција, што е еднаква на нивната номинална вредност. Емисијата по пат на приватна понуда се врши на тој начин што Република Македонија ги презема акциите од новата емисија, а побарувањата по основ на јавни давачки што државата ги има кон 11 Октомври- Еурокомпозит АД Прилеп ги претвора во трајни влогови . На овој начин се намалува долгот кој 11 Октомври- Еурокомпозит АД Прилеп го има кон државата по основ на јавни давачки. Постапката се спроведе согласно Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвата АД Органско хемиска индустрија Наум Наумовски-Борче Скопје, Тутунски Комбинат АД Прилеп и Друштво за производство на производи со посебна намена 11 Октомври- Еурокомпозит АД Прилеп. КХВ даде одобрение ЕМО АД Охрид да издаде трета емисија на 143.934 обични акции во вкупна вредност од 4.415.895,12 евра, наменета за познат купувач- Влада на Република Македонија. Владата на РМ ги презема акциите од новата емисија со претворање на своето побарување во влог во друштвото. Третата емисија се врши согласно Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото АД за истражување, проектирање, производство и изградба на енергетски индустриски објекти со полна одговорност ЕМО Охрид, со што се намалува долгот што друштвото го има кон државата по основ на јавни давачки.
Во ноември, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на ПОФИКС ДОО Тетово му дозволи да даде понуда за откуп на акции, издадени од Единство АД Тетово. Понудата за откуп се однесува на 880.106 обични акции со право на глас и 7.445 приоритетни акции, сите издадени од Единство АД Тетово. ПОФИКС ДОО Тетово како понудувач се обврзува хартиите од вредност да ги откупи по цена од 145 денари по акција.
Во ноември, вкупно активни акционерски друштва се 147. Во Регистарот се запишуваат друштвата кои се основани и работат во Република Македонија и притоа извршиле јавна понуда на хартии од вредност или имаат основна главнина од 1.000.000 евра во денарска противвредност и повеќе од 50 акционери или се котирани на овластената берза, односно исполнувањето на било кој од овие услови поединечно од страна на едно акционерско друштво, значи негово запишување во Регистарот на Комисијата.
Во ноември, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија му ја обнови дозволата за работење како брокер на Горан Поповски, вработен во Стопанска Банка АД Скопје-Дирекција за работа со хартии од вредност и брокерско-посреднички услуги.
Зоран Мајнов доби согласност да биде директор на брокерската куќа Мој Брокер АД Скопје во наредните четири години. Мајнов и досега беше на челната позиција во Мој Брокер АД Скопје.
Комисијата за хартии од вредност и во ноември секојдневно он-лине во реално време го следеше тргувањето на берзата и вршеше постојана посредна и непосредна контрола на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност. Секторот за супервизија на пазарот на капитал спроведе пет редовни контроли од кои три на брокерски куќи и две на друштва со управување на инвестициски фондови.
На барање на брокерската куќа Инвестброкер АД Скопје, Комисијата дозволи брокерската куќа да ја прошири дејноста со услугата – инвестициско советување. Тоа значи дека, Инвестброкер АД Скопје, покрај досегашните услуги како: купување и продавање хартии од вредност по налог и за сметка на клиентот, во свое име и за своја сметка, вршење трансакции за сметка на издавачот на хартиите од вредност потребни за успешна јавна понуда со и без задолжителен откуп на непродадените хартии од вредност,дејствување како покровител при котација, реализација на трансакции и активности за сметка на трети лица потребни за преземање на едно акционерско друштво,отсега врши и инвестициско советување.
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија трајно и ја одзема дозволата за вршење на услуги со хартии од вредност на Охридска банка АД Охрид - Оддел за работа со хартии од вредност. Одземањето на дозволата за работа е поради донесена Одлука на Управниот и на Надзорниот одбор на Охридска банка АД Охрид со која Одделот за работа со хартии од вредност престанува да врши услуги со хартии од вредност. Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија при контрола на работењето на брокерската куќа Еуро Брокер АД Скопје утврди непочитување на Законот за хартии од вредност и на Правилникот за содржината и начинот на водење на книгата на налози. Имено, брокерската куќа внесувала налози во системот за тргување без тие претходно да бидат запишани во книгата на налози што ја води Еуро Брокер АД Скопје. За сторената неправилност, на брокерската куќа и на нејзиниот директор, КХВ им изрече јавна опомена и истовремено, ги задолжи во рок од 30 дена да ја отстранат истата. Б) Брокери Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија донесе решение со кое на овластен брокер од брокерската куќа Пеон Брокер АД Скопје му изрече привремена забрана да врши работи со хартии од вредност за кои има добиено дозвола од Комисијата во времетраење од 30 дена. Оваа мерка е поради кршење на Законот за хартии од вредност и на Правилата за тргување на Берзата. Имено, брокерот во текот на својата работа строго не се придржувал кон инструкциите дадени од клиентот, непотребно одложувал извршување на налог иако условите на пазарот на хартии од вредност дозволувале негово реализирање и не ги почитувал актите на саморегулирачката организација каде што членува. Ваквата неправилност, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија ја утврди при вонредна контрола на работењето на брокерската куќа Пеон Брокер АД Скопје, спроведена по поплака од клиент.
Секторот за супервизија на пазарот на капитал во ноември постапуваше по 2 (две) барања за заштита на акционерски права.