На оваа веб страна се користат колачиња кои не содржат лични податоци и служат со единствена цел за подобрување на корисничкото искуство. Со Вашето присуство на веб страната се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали во однос на заштитата на личните податоци прочитајте ја Политиката за колачиња.
Në këtë faqe të internetit përdoren biskota të cilat nuk përmbajnë të dhëna personale dhe shërbejnë me qëllim të vetëm për përmirësimin e përvojës së përdoruesit. Me prezencën Tuaj në faqen e internetit nënkuptohet se pajtoheni për përdorimin e këtyre biskotave (cookies). Për më tepër holllësi në lidhje me mbrojtjen e të dhënave personale lexoni Politikën e përdorimit të biskotave (cookies).
The website uses cookies that do not contain personal data and serve for the sole purpose of improving the user experience. Your presence on the website implies that you agree to the use of these cookies. For more details about personal data protection, please read the Cookie Policy.
Комисијата за хартии од вредност во декември разгледа неколку предлог-правилници кои одат на јавна расправа. Јавната расправа се обезбедува преку веб страницата www.sec.gov.mk на Комисијата за хартии од вредност. Станува збор за: 1.Правилникот за содржината на соопштението за запишување и уплата на хартии од вредност за понуда чиј износ е помалку од 25.000 евра во денарска противвредност; 2.Правилникот за формата и содржината на проспектот и поканата за запишување и уплата на хартии од вредност; 3.Правилникот за документите што ги доставува издавачот на хартии од вредност при поднесување на барањето за одобрение на јавна понуда на хартии од вредност; 4.Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и условите за полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност; 5.Правилникот за измена на Правилникот за формата и содржината на годишните, полугодишните, тримесечните и тековните извештаи и резимето на годишните извештаи на акционерските друштва со посебни обврски за известување кои се водат во Регистарот на Комисијата за хартии од вредност.
Комисијата за хартии од вредност ја одобри првата емисија на должнички хартии од вредност на ПроКредит банка АД Скопје. Се работи за 5.000 обврзници со вкупна вредност од 300.000.000 денари. Каматната стапка изнесува 8,4 % годишно. Рокот на доспевање на обврзниците е три години. Купувач на обврзниците од првата емисија на ПроКредит Банка АД Скопје е НЛБ Тутунска Банка АД Скопје. Прокредит Банка АД Скопје ги издава обврзниците за да обезбеди финансиски средства кои ќе ги пласира во кредити. Ова е прва емисија на корпоративни обврзници што ја издава една банка во Република Македонија. Во декември, Комисијата за хартии од вредност и даде одобрение на брокерската куќа Битола Брокер АД Битола да издаде 3.577 обични акции во вкупна вредност од 10.948.106 денари. Третата емисија на акции на Битола Брокер АД Битола се реализира по пат на приватна понуда. Исто така, Универзална инвестициона банка АД Скопје доби одобрение од КХВ за продажба на сопствени акции по пат на приватна понуда. Станува збор за 1.580 акции со продажна цена од 3.000 денари по акција, односно вкупната продажна вредност изнесува 4.740.000 денари.
Milestone ehf.Sudurlandsbraut, Reykjavik Iceland успешно ја презема Комерцијално инвестициона банка АД Куманово, утврди Комисијата за хартии од вредност. Milestone ehf.Sudurlandsbraut, Reykjavik Iceland има стекнато 97.647 обични акции кои обезбедуваат учество од 75,9% од акциите со право на глас издадени од Комерцијално инвестициона банка АД Куманово.
Идеја Плус Брокер АД Радовиш е новата брокерска куќа што доби дозвола за работа од Комисијата за хартии од вредност.Оваа брокерска куќа е регистрирана со основна главнина од 75.000 евра во денарска противвредност, поделена на 75.000 обични акции со номинална вредност од едно евро по акција. Согласно член 94 од Законот за хартии од вредност, оваа членка на пазарот на капитал ќе купува и ќе продава хартии од вредност по налог и за сметка на клиентот, ќе дејствува како покровител при котација и ќе има можност да врши инвестициско советување. Директор на Идеја Плус Брокер АД Радовиш е Јанка Димитрова.
Комисијата за хартии од вредност издаде три дозволи за работење на брокер.И тоа на: 1. Горан Марковски 2. Соња Кузманоска-Трајкоска; 3. Фанче Куцуловска;
Во декември вкупно активни акционерски друштва беа 144. Во Регистарот што го води Комисијата за хартии од вредност се запишуваат друштвата кои се основани и работат во Република Македонија и притоа извршиле јавна понуда на хартии од вредност или имаат основна главнина од 1.000.000 ЕВРА во денарска противвредност и повеќе од 100 акционери или се котирани на овластената берза, односно исполнувањето на било кој од овие услови поединечно од страна на едно акционерско друштво, значи негово запишување во Регистарот на Комисијата.
Комисијата за хартии од вредност и во декември секојдневно он-лине во реално време го следеше тргувањето на берзата и вршеше постојана посредна и непосредна контрола на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност. Секторот за контрола на пазарот на капитал спроведе 5 (пет) редовни контроли. Од нив три на брокерски куќи и по една редовна контрола на Македонската берза АД Скопје и на Централниот депозитар АД Скопје . Исто така, беа извршени и 4 (четири) вонредни контроли.
а) Брокерски куќи Комисијата за хартии од вредност привремено го забрани работењето на Дирекцијата за работа со хартии од вредност на Стопанска банка АД Скопје.Забраната е со времетраење од 30 работни дена. Оваа мерка е изречена поради правен пропуст, односно заради необезбедување согласност од КХВ за новоназначениот директор, откако била разрешена претходната директорка. Забраната стапи на сила од денот на донесувањето на одлуката (12.12.2007 година). б) Брокери Во декември двајца брокери останаа без дозволи за работа. Едниот е вработен во брокерската куќа Алта Виста Брокер АД Скопје, а другиот во Бродил Дил АД Скопје. КХВ им ја изрече оваа мерка на брокерите, бидејќи се вклучиле во активност која има за цел да ги доведе во заблуда инвеститорите на пазарот на хартии од вредност. Двајцата брокери извршиле налози за купување и продавање на акции на МЗТ Леарница АД Скопје по цена зголемена за 14.185,71 % од претходно реализираните трансакции на Македонската Берза со истата акција. Последната постигната цена на акцијата на МЗТ Леарница АД Скопје била 700,00 денари, за на 23.11.2007 да се истргува по цена од 100.000 денари.
Во декември, Комисијата за хартии од вредност активно ја извршуваше својата контролна функција на пазарот на хартии од вредност и согласно законските прописи решаваше индивидуални (поединечни) и групни барања на акционери за заштита на нивните права кои произлегуваат од сопственоста над акциите. До КХВ доставени се 18 (осумнаесет) барања за заштита на акционерски права. Некои се жалат на повреда на берзанските процедури на тргување и бараат проверка на трансакции реализирани на Македонската берза АД. Други пак, не се согласуваат со бројот на акции кои се водат во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје. Дел од акционерите реагираат на продажбата на акции од јавни претпријатија.
На 26 декември, 79 кандидати добија Уверенија за положен стручен испит за инвестициско советување од вкупно 123 кандидати кои ја следеа Првата обука за инвестициски советници. Високиот процент на успешно завршена обука е резултат на добри професори и ангажирани слушатели, координирано од Комисијата за хартии од вредност. Како менаџери за управување со капиталот, инвестициските советници се врска помеѓу пазарот на хартии од вредност и инвеститорите. Со тоа се премостува празнината што постои помеѓу инвеститорите и нивните финансиски цели", рече Претседателката на КХВ, Марина Наќева- Кавракова. Според Претседателката Кавракова, правилно инвестициско решение ќе помогне да се остварат финансиските цели на инвеститорот и тоа треба да биде крајната цел на инвестицискиот советник.
На 26 декември, Комисијата за хартии од вредност во соработка со УСАИД го промовираше Водичот "Разбери ги инвестициските фондови", во кој се содржани предностите и недостатоците од инвестирањето во инвестициски фонд, целите и очекувањата од вложувањето во нив. Оваа брошура ја изработи Комисијата за хартии од вредност со великодушна поддршка на УСАИД и таа треба да им помогне на инвеститорите полесно да ги осознаат новите финансиски играчи на пазарот на хартии од вредност- инвестициските фондови. Во текот на декември, Претседателот на Комисијата за хартии од вредност Марина Наќева-Кавракова оствари работна средба со претставникот на Светската банка Соња Брајовиќ Братановиќ која е координатор на Проектот- Financial Sector Assessment Program. На состанокот начелно е договорено при идната мисија на Светската банка што се очекува да се реализира во февруари 2008 да се оцени степенот на имплементација на принципите на Меѓународната организација на Комисиите за хартии од вредност IOSCO. Исто така, Претседателот на Комисијата за хартии од вредност Марина Наќева-Кавракова се сретна со Силвија Миноти од Светската банка. На дневен ред на состанокот беше Акциониот план што Комисијата за хартии од вредност го изработи во соработка со Светската банка , а проилегува од Стратегијата за спроведување на Законот за хартии од вредност во периодот 2007/2012 година.